Јас и Лин, отпосле
Автор:
Ана Стојаноска
Издавач:
КУЛТУРА |
Јазик:
Македонски |
Година:
2019
Оригинален наслов:
Јас и Лин, отпосле |
Бр. на страни:
262 |
Димензии:
20
|
Корица:
мека
„Јас и Лин, отпосле“ и поради сево ова (одбраниот наративен модел, освоената едноставност…) е добар роман. Интелигентна приказна за една самопроколната Пенелопа (без Телемах!) на нашето време, за една исчекувачка на невозможното; за „меѓуконтинентската тишина“ помеѓу двајца, за „палимпсестните души“ на прељубниците и престапниците од страст,.. приказна-дом за моќните реченици на остриот раб меѓу бездната на патосот и возвишената уметност; реченици како: „Ми треба како солта на океанот“, „(…) за мене беше дом, таму каде што е тој“, „А тоа што ти лази по образите е кондензирана насмевка?“,.. „Се провлекува секојдневието околу мене, како стара,вознемирена пајажина при ненадејното влегување на таванот“,.. приказна-дом на чудесните дијалози (дијалозите, ах дијалозите!), на дон-кихотовските описи на главите со вешта компресија и рекомпозиција на настаните што следуваат во неа, на еден „харем од пластелин“ што како синтагма на подлабоко семантичко ниво функционира и како автореференцијално именување на сите творечки „случувања“ во романот… Сѐ во „Јас и Лин, отпосле“, всушност е една пластелинска (болна) игра коjа постојано се обликува, дообликува, деобликува и преобликува пред наши очи. „Харем од пластелин“ е само извадок од една песна во романот, но и негово можно резервно име.
Оливера Ќорверзироска, писателка
(извадок од рецензијата „Неодоливо несовршен роман“
објавена на порталот www.okno.mk, 6.8.2016 г.)
Се работи за еден колажен роман, кој се базира на две приказни: љубовната приказна на една млада писателка, од една, и дел од романот што самата го пишува,од друга страна. Клучна одредница на романот е цитатноста, односно воспоставените интертекстуални и интермедијални релации со многубројни песни од современата музика, како и со реплики од познати драмски остварувања. Во прилог на хибридноста на жанрот се и писмата и неколкуте дневнички записи суптилно интерполирани во структурата на романот. Авторката умешно си поигрува и со употреба на различни писма – стандардно и италик.
Ракописот донесува иновации во поглед на самата нарација; во оваа пригода, посебно ќе ги истакнам: постапката приказна во приказна (или роман во романот),комплексната техника на раскажување и преминот нанараторот од прво лице – во еден сезнаен раскажувач, како и говорот на ликовите од романот што го пишува главната хероина, а своја наративна функција имаат и песните вметнати во нарацијата.
Настаните не се предадени хронолошки, туку на читателот му останува самиот да ги составува според принципот на сложувалка. Романот прикажува класичен љубовен триаголник, но мора да се нагласи дека воопшто нема патетика во третманот на љубовта, напротив! Љубовта е грчевита, драматична, впрочем, како и животот. Интровертниот свет на главната хероина се темели на сеќавања и реминисценции, на реални и фиктивни доживувања, на емоции и музика…
Проф. д-р Лидија Капушевска – Дракулевска
(Извадок од рецензијата за првото издание на романот)
Оценки
Сѐ уште нема оценки.