Дописниот шах во Македонија
Автор:
Љубомир Хаџи-Манев
Издавач:
БАТА ПРЕСС |
Јазик:
Македонски |
Година:
2020
Оригинален наслов:
Дописниот шах во Македонија |
Бр. на страни:
271 |
Димензии:
25 см
|
Корица:
/
Монографијата што сведочи за големите успеси на македонските дописни шахисти до осамостојувањето на државата е објавена со поддршка на Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на издавачката дејност за 2021 година.
Со оваа книга, авторот – шаховскиот ФИДЕ мајстор и мајстор на дописен шах Љубомир Хаџи-Манев, создаде дело со кое го овековечи дописниот шах во нашата земја, а со давањето на прегледи и партии за еден значаен период во поранешна Југославија и за неговите индивидуални учества на поединечни меѓународни турнири во дописен шах организирани од светската асоцијација за дописен шах – ICCF, ги афирмира нашите достигнувања на меѓународен план.
Во периодот (од 1975 до 1990 година) репрезентацијата на Македонија ги постигнува најголемите успеси во југословенската држава. Имено, на осумте екипни турнири на републиките и покраините (1973 – 1989), репрезентацијата на СРМ била најуспешна во тоа најзначајно екипно натпреварување.
„Во посебен дел што се однесува на историјатот на дописниот шах, односно ’шах на далечина‘, авторот дава интересни податоци. Дава појаснување за начинот како порано се играше дописниот шах, со напомена дека сега, со новата технологија, се промени и начинот на игра и дека дописниот шах е вистинскиот претходник на интернет шахот, во кој дневно на многубројните интернет мрежи, денес онлајн, во секој момент играат милиони играчи од сите меридијани и возрасти“, пишува меѓу другото, рецензентот Димитар Илиевски, интернационален шаховски мајстор и додава дека „голем дел од шаховските партии презентирани во книгата, компјутерски анализирани со доста дијаграми и коментари, за читателот ќе претставуваат не само одреден историски документ, туку и своевиден учебник за новите генерации шахисти.“
Книгата, на 226 страници, обилува со голем број шаховски партии, стручни и компјутерски коментари, дијаграми, табели, илустрации и фотографии, кои ги документираат значајните настани за кои што станува збор.
Шаховскиот ФИДЕ мајстор и мајстор на дописен шах Љубомир Хаџи-Манев електроинженер-електроничар е роден 1944 година во Радовиш. По дипломирањето во Загреб, работел во скопската телевизија и подоцна во словенечката фирма „Интертрејд“, која во Југославија била единствен застапник на тогаш најголемата компјутерска фирма во светот – ИБМ
Тој е меѓу првите информатичари во Македонија, што ги инсталираа и воведоа во употреба, во седумдесеттите и осумдесеттите години, компјутерските системи во поголемите претпријатија и банки низ републиката.
Шах почнал да игра од раното детство, а во 1986 година ја освојува титулата шаховски ФИДЕ мајстор. Претходно во 1980 година ја освоил титулата мајстор на дописен шах. Сѐ уште активно игра на силни домашни и меѓународни шаховски турнири.
Коавтор е во стручниот дел на книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“, а заедно со Илија Стошевски е приредувач на фототипското издание „Македонски шах“.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.