Миладиновци

Издавач: ЗНУК Хоризонти 12 | Јазик: Македонски | Година: 2012
Оригинален наслов: Миладиновци | Бр. на страни: 84 | Димензии: 200х140 | Корица: мека

Научниот труд „Миладиновци (три аналитички ретроспекции)“ на проф. д-р Науме Радически е првата објавена публикација на Здружението за наука, уметност и култура „Хоризонти 12“ од Мешеишта – Охридско, кое е формирано во 2012 година, кое има триесетина членови од охридско-струшкиот регион, и кое, меѓу другото, планира да развива издавачка дејност. Како што стои во белешката на почетокот на книгата, „Со реализацијата на оваа публикација, Здружението за наука, уметност и култура „Хоризонти 12“ од Мешеишта... им се оддолжува на своите големи претходници и визионери – браќата Миладиновци. Повод се неколкуте годишнини поврзани со нив: 200 години од раѓањето на Димитрија, 150 години од објавувањето на Зборникот и 150 години од смртта на Димитрија и Константин Миладиновци.“ Книгата содржи три тематски анализи: „Димитрија Миладинов – аниматор на македонската национално-културна преродба“, „Огледало во нашето минато и во нашата иднина (Кон 150-годишнината од објавувањето на Зборникот на Миладиновци)“ и „Пред крстот на Миладиновци или на македонската Голгота“. Науме Радически е роден во 1953 година во Мешеишта, кај Охрид. На Филолошкиот факултет во Скопје завршил студии по историја на југословенските книжевности, а на Филозофскиот факултет студирал историја на уметноста со археологија. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работи близу три децении, магистрирал (1981) и докторирал (1990), а сега е редовен професор по современи јужнословенски книжевности. Уметничката, критичарската и научноистражувачката актива на Радически е разновидна: поезија, литературна и ликовна критика, литературна историја, есеистика итн. Поедини негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литературната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преведува од другите јужнословенски јазици. Освен македонската литература во минатото и во современоста, негова научна преокупација се особено некои спојни теми во јужнословенскиот книжевен контекст како: македонските теми во другите јужнословенски книжевности, делото на Македонците кои во минатото создавале литературно творештво на другите јужнословенски јазици и др. Учествувал или учествува во уредувањето на весници и списанија како Литературен збор, Стожер, МИТ, Македоника и др. Составувач е на некои избори од македонската литература, како Дванаесет векови македонска книжевност (1997) итн. Ги објавил следните книги: Поезија: Постоења и мотиви (1975), Светол тажен вик (1984), Контрасти (1992, наградата на Културно-просветната заедница на Македонија), Преображение човеково (2001), Астрални проекции (2008, 2012). Критичко-есеистички и научно-истражувачки трудови: Критички интерпретации на младата македонска литература (1983), Релации и континуитет (1996), Метаморфози (1999), Време без збор (2000), Патишта и крстопати низ јужнословенските книжевности (2004, наградата на ДПМ „Димитар Митрев“), Литературна раскрсница (2006, државна награда „Гоце Делчев“), Аналитички рефлексии (2007), Литературните погледи на Димитар Митрев (2009), Пред алфа и пред делта (2011), Словенска алка (2012).  
Рангирано 5 од 5 според 1 рејтингот на корисниците

Цена: 100 ден

4 на залиха

Спореди
Продавач Македоника Литера

Report an abuse for product Миладиновци

Категорија:
ИСБН: 978-608-65525-0-3

Questions and Answers

You are not logged in