Слово за походот Игорев
„Словото за походот Игорев“ е анонимен еп од XIV век, што го следи неуспешниот воен поход на кнезот Игор Свјатославич и неговиот брат Всеволод против Половците, еден од најстарите староруски записи што стигнале до денешниот читател.
„Словото“ почнува со инвокација и со еден лош знак: сонцето се затемнува пред да почне походот на Игор. Сепак, Игор не се расколебува и првиот ден од битката со Половците го оправдува: руската војска запленува мноштво заробеници, злато, свила, убави девојки. Но, веќе наредниот ден Игор е притиснат од Половците; војската му е поразена, а самиот тој – ранет и одведен во половечки затвор. Некако се ослободува и по единаесет дена стигнува во Новгород-Северски, каде што е радосно пречекан. Реалната историја е малку посурова од книжевната: поразот на Игор има несреќни последици за сета руска земја, бидејќи им ја разоткрива на Половците слабоста на руските кнежества и им го отвора патот кон Запад, дотогаш под руска контрола.
„Словото“ е уникатно остварување: едновремено бесценет филолошки и уметнички документ. Како такво, тоа одамна е дел од полицата на класичните остварувања на руската литература, инспирација за многубројни ликовни и музички дела создадени под негово посредно или непосредно влијание. Освен тоа, создадена е и долгогодишна традиција на повторно преведување на „Словото“ на современ руски јазик, почната уште со неговата прва објава во 1800 година. Покрај преводите на речиси сите светски јазици, поттикната од нејасностите, претпоставките и дилемите во текстот, како и од можностите за прецизен или поетски превод, ваква традиција на препревод е воспоставена и во неколку други светски јазици. Со овој втор препев на „Словото“ – што првпат се издава во оваа едиција – и македонскиот јазик се приклучува на оваа одбрана група.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.