Поезија; Разбојници; Дон Карлос; Вилхелм Тел
Синтетизирајќи ги идеите на просветителството и романтизмот, тридеценискиот период на вајмарскиот класицизам остава неизбришлива трага во историјата на германската книжевност; дури и не изземајќи ги заслугите на Хердер и Виланд, многумина се согласуваат дека гравитацискиот нуклеус на ова културно и естетско движење е плодотворното и комплексно пријателство меѓу два великана: Јохан Волфганг фон Гете и Фридрих Шилер.
Иако понепознат од двајцата и иако благословен со безмалку двојно пократок живот, еруптивната моќ на неговиот исказ и патоказната идеја за макотрпно остварување на човечката слобода, му овозможуваат на Фридрих Шилер да има многу понепосредно – макар пократкотрајно и поограничено – влијание врз иднината не само на националните европски литератури туку и врз самите нации. Полимат (философ, историчар и лекар), Шилер ја покажува својата разнообразност и во книжевното творештво, каде што се покажува еднакво успешно и на полето на поезијата и на театарската сцена. И во двете области се забележува реска поделба – озаконета токму преку пријателството со Гете – меѓу раниот, лирски, патетичен, па дури и мелодрамски и доцниот идеалистичко-философски, дисциплиниран, етичен период.
Во овој избор се вклучени речиси сите негови најпознати песни, почнувајќи од раните лирски творби на љубовна тематика, па сè до незаборавните балади. Од драмите се застапени „Разбојници“, „Дон Карлос“ и „Вилхелм Тел“, што не само што се неговите најпрепознатливи драми туку и најдобро ја прикажуваат неговата еволуција: „Разбојници“ е неговата прва драма (се смета и за првата европска мелодрама), „Дон Карлос“ го омеѓува преминот од приврзаник на sturm und drang движењето во класичар, а „Вилхелм Тел“ е неговото последно довршено дело, неговата најзрела и најсакана драма.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.