УРБАНА БЕЗБЕДНОСТ – ПРИМЕНА НА МЕТОДОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА КРИМИНАЛ ПРЕКУ ДИЗАЈН НА ОКОЛИНАТА (CPTED)
Автор:
Стојан Трошански
Издавач:
Стојан Трошански |
Јазик:
Македонски |
Година:
2019
Оригинален наслов:
УРБАНА БЕЗБЕДНОСТ - ПРИМЕНА НА МЕТОДОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА КРИМИНАЛ ПРЕКУ ДИЗАЈН НА ОКОЛИНАТА (CPTED) |
Бр. на страни:
215 |
Димензии:
23
|
Корица:
тврда
Crime prevention through environmental design или Превенција на криминал преку дизајнирање на околината претставува современа метода што се користи во развиените држави за превенција на криминал. Зародишот на оваа метода се јавува во 60-тите години на минатиот век, а своја примена методата денес наоѓа во САД, Обединетото Кралство, Холандија и други европски држави. Но, оваа метода сè уште не се применува на адекватен начин во Македонија и другите европски земји во соседството. Имено, во теоретските научни концепти во земјава оваа метода се обработува од страна на професори на Факултетот за безбедност во Скопје, и тоа од проф. д-р Марина Малиш-Саздовска и проф. д-р Весна Стефановска, во делови на универзитетски учебници и во научни трудови објавени во релевантни научни списанија. Додека, пак, од практична гледна точка изостанува систематска и стручна примена на СЕПТЕД методата од страна на урбанистите и експертите за просторно планирање со цел уредување на околината и на тој начин делување на превенцијата на криминалот, особено во урбаните средини. Оттука од исклучително значење, како за научната така и за стручната јавност, е публикувањето на трудот на д-р Стојан Трошански под наслов „Урбана безбедност – примена на методот за превенција на криминал преку дизајн на околината (CPTED)“. Оваа книга претставува докторска дисертација на д-р Стојан Трошански во која на сеопфатен и стручен начин, со методолошки солидно конципиран текст, се разработува детално материјата на СЕПТЕД методата. Имено, во текстот се поместени седум делови во кои се разработува историскиот развој, анализа на СЕПТЕД методата, категоризација на генераторите на криминалот и основни чекори во создавањето безбедна средина, принципите на оваа метода, како и анализа на досегашните светски искуства во оваа област. Посебна додадена вредност на трудот претставуваат истражувањата што се реализирани од страна на авторот, и тоа реализацијата на анкетата, но исто така и анализата на одредени криминогени жаришта и предлог-решенијата за превенција на криминал за истите. Преку примена на СЕПТЕД методата, авторот на оригинален начин дава конкретен придонес и во научна и во практична смисла за решавање одредени локации од аспект на превенција на криминал. Исто така вредно е да се напомне дека на јасен и разбирлив начин, со примена на мерките и активностите, пред и по урбанистичката интервенција во просторот, се дава предлог-модел за уредување конкретни урбани локации. На тој начин директно се делува и се интервенира во човековата околина и во урбаниот простор и се влијае на подобрување на чувството на личната безбедност кај граѓаните на тие локации. Врз основа на горенаведните констатации, може да се констатира дека трудот на д-р Стојан Трошански, кој воедно претставува и негова докторска дисертација, е пионерски зафат во третирањето на СЕПТЕД методата на начин на кој се дава конкретен придонес, како за научната мисла во Македонија од областа на безбедноста така и во стручната област на урбанизмот и просторното планирање. Авторот користи многубројни научни и стручни референции, со што го збогатува текстот, и заедно со разработувањето на практичните примери претставува посебно значаен сегмент на трудот. На крај треба да се потенцира дека овој текст ќе биде од големо значење како за студентите и професорите што на академско ниво ја обработуваат оваа метода, од аспект на безбедност и урбанизам, но исто така ќе биде значаен и за практичарите што применувајќи ги принципите на СЕПТЕД можат да дадат свој конкретен придонес во превенцијата на криминалот, особено во урбаните средини. Ги поттикнуваме надлежните служби и органи за превенција на криминал да се запознаат со содржината на оваа книга и во практика да ги применуваат придобивките од оваа метода. На тој начин ќе се оствари и општествената оправданост на изработката и издавањето на оваа научно-стручна литература.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.