Лебед
Автор:
Ана Стојаноска
Издавач:
КСЦ/ПОЛИЦА |
Јазик:
Македонски |
Година:
2021
Оригинален наслов:
Лебед |
Бр. на страни:
304 |
Димензии:
21
|
Корица:
/
Тематот е вљубувањето или – просто – љубовта. Љубовта како феномен, како таква, љубовта од секаков вид: машко-женска, машко-машка, љубовничко-брачна, родителско-детска, семејна, пријателска, професионална, љубов од интерес, од страст, од занес, секаква... Има ли љубов во ова наше време? Умееме ли, сè уште, автентично да се вљубуваме? Онака романтично, како во романите или како во театарските мелодрами (авторката под носот ни го поттура најбизарниот мелодрамски пример на сите времиња, балетот Лебедово езеро)? Или, пак, се вљубуваме импулсивно, та божески, од немајкаде, да го поминеме редот, поради осаменост, очајание, депресија, здодевност, страв од неуспех... На едно место во книгата – некаде во последната третина – неизбежно се сопнува на реченицата што ги релативизира сите љубовни, љубовнички и љубовџиски контексти „како такви“; во што, всушност, се вљубуваме: во некое човечко суштество или во самата идеја на љубовта „како таква“... Д-р Јелена Лужина, театролог, професорка во пензија, есеистка Драматичноста на нарацијата е засилена и со тематизација на хомосексуалноста како една табу-тема во нашата средина, инаку ретко присутна во книжевноста кај нас. Кога на ова ќе се додаде и фактот дека приказната во романот ја следи животната сторија на две самохрани мајки, станува јасно дека ракописот на Стојаноска остварува и една општествено ангажирана функција. Каде е границата меѓу животот и уметноста?! Колку едното го определува другото, и обратно?! Како да се хармонизираат духовното и телесното, умеењето и страста?! Овие и многу други дилеми се отвораат пред авторката, но и пред читателот на ракописот Лебед. Умешната нарација, проблематизирањето на секогаш актуелниот феномен на уметноста, а особено на психолошката димензија на ликот на еден уметник, како и актуализацијата на сензитивните општествени појави и поставувањето на сцена на најранливите категории луѓе, повеќекратно маргинализирани и стигматизирани, се несомнено доминантни квалитети со кои се одликува ракописот Лебед на Стојаноска. Романот дава придонес и ја збогатува традицијата на „женското писмо“ кај нас. Д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, професорка и теоретичарка на литературата Начинот и стилот на пишување се, да не речам, совршени, ама блиску до тоа. Најмногу ми се допадна тоа што приказната е како искршено парче стакло на кое имало витраж, кое читателот самиот треба да си го состави за на крајот да може да го види витражот на стаклото, само за да сфати дека има повеќе од еден начин како да се состави витражот и дека секоја слика што ќе ја добие си е само за него, дека наредниот читател ќе си има своја слика што ќе ја види. Но, најбитното е тоа што на оваа слика се гледаат деловите каде што стаклото било скршено, тоа не се крие, тоа само се доживува. Тоа што си играш со личните заменки на почетокот е многу успешно, затоа што уште пред самата да пишеш на крајот на првиот дел, јас веќе се прашував до кога ќе си Ана Стојаи ќе ни дозволиш да сфатиме за што зборуваш. Иако, полот нема никакво значење во целава книга, затоа што ова е роман за љубовта. Љубовта во својата најчиста форма. М-р Никола Настоски, актер и професор
Оценки
Сѐ уште нема оценки.