Легенди од Гватемела
Мигел Анхел Астуријас спаѓа во редот на големите латиноамерикански писатели кои преку својата литературна дејност, но и преку најразлични културни и општествени активности, настојуваат да воспостават цврсти мостови меѓу духовното наследство на древните народи што ја населувале Латинска Америка и нивните денешни потомци од една, и доселените Европејци, од друга страна.
Добитник на Лениновата награда во 1966 година и Нобеловец веќе следната година, Астуријас е меѓник на повеќе од еден план: не само што е еден од ретките автори признати и на Исток и на Запад туку и е предвесник на латинамериканскиот бум, увезувајќи ги, преку надреализмот, модернистичките импулси од Европа во Јужна Америка. „Легендите од Гватемала“, првата книга на Астуријас – објавена кога тој има одвај триесет години – е уште еден граничник: проза лиризирана до граница на врвна поезија (крунисана со заклучен драмски запис) – поради што се смета за еден од инспираторите на магичниот реализам – „Легендите од Гватемала“ е колку одраз на книжевен занес толку и учена антрополошка студија на една егзотична загубена цивилизација.
И веројатно не постои подобра пофалба за книгата од онаа што ја изречува големиот Пол Валери во едно писмо до францускиот преведувач на делото Франсис де Миомандр: „Ништо не ми се виде почудно, понеобично за мојот дух, за мојата способност да очекувам од неочекуваното – од овие раскази – соништа-поеми во кои толку чудесно се мешаат суеверието, преданијата и обичаите на сите времиња на еден сложен народ [...] Моето читање беше како волшебна напивка, зашто ова дело повеќе се пие отколку што се чита. Тоа ме одвлече во некаков тропски сон што го доживеав како необично задоволство. Ми се причини како да сум испил сок од некакви неверојатни билки или напивка од оние цветови со кои се хранат птиците...“
Reviews
There are no reviews yet.