Лидија, или сѐ што знам за жените
Автор:
Тихомир Јанчовски
Издавач:
Матица Mакедонска |
Јазик:
Македонски |
Година:
2018
Оригинален наслов:
Лидија, или сѐ што знам за жените |
Бр. на страни:
123 |
Димензии:
/
|
Корица:
мека
Здраво Лидија, Ова не е писмо, ова е почеток на една книга. Не знам како ќе се вика, насловите обично доаѓаат на крајот. Тоа е најмалку битно. Засега, книгата може да се вика „Лидија, или сѐ што знам за жените“. Или само „Здраво Лидија“ (ако бидат писма или раскази). Ти немаш многу врска со сето тоа, иако може и поинаку да се сфати. Името во насловот секогаш може да се смени, нема да влијае на суштината. И ти си можела да се викаш Софија, Ана, Силвија, Лена,.. речиси сите женски имиња завршуваат на „а“. Одамна не ме интерсира кој, што и како сфаќа; сум отрпнал. Одвреме-навреме нешто ме тера да пишувам, тоа и го правам, колку помалку мислам – подобро е, а најдобро би било само да запишувам. Зборовите сами ми доаѓаат, без никакoв напор, желба или повик од моја страна. Јас не те познавам. Барем тоа е јасно како ден. Она што го знам за тебе е многу малку. Мали детали. Површна слика. Затоа ти велам дека немаш многу врска со сето тоа... кога велам Ти, мислам на она што ти си навистина, реалната ти, што станува наутро, мие заби, се протега, спие, работи, мисли, оди по улици, седнува, пие кафе, се чеша... онаа што ти ја познаваш најдобро. Значи, таа е настрана. Онаа што може да се појави овде е измислена, или замислена… Многу луѓе ме прашувале: „Кога ќе почнеш да пишуваш проза? Кога ќе напишеш роман? Ајде, кога?“ Им одговарав кратко: „Никогаш!“ Или, „Не сум таков човек. Пишувам само поезија“. Проза? Глупости. Но, ете, изгледа дошло време да напишам и таква книга. И она „никогаш не вели никогаш“ можеби е стара и ужасно излитена фраза, ама во неа уште има вистина. Просто, се случи така што во последно време постојано имам нешто да запишам, а со тоа темпо би требало да издавам по 3-4 книги поезија годишно.. а тоа некако и не оди, нели? Не оди никако. Ти, Лидија, тука си само читател. Имаш извесна повластена позиција, иако таа повластица може да не ти значи ништо. Веројатно е така. Најмалку важно. Онаа измислената е читателка, таа многу сака да чита сѐ што тука пишува, таа едвај чека да види што има ново, таа нетрпеливо го чека секое продолжение, секое ново писмо. Ти, вистинската, немој ни најмалку да се тревожиш, ниту да се чудиш. Ако сакаш читај, ако не сакаш немој, твоја работа. Само сакав барем малку да го објаснам моето чудно однесување, никако не мислам да те малтретирам или да ти се наметнувам. Некако ми поминало времето за такви работи, не би личело на мене, ни најмалку. Ни ти не ме знаеш, ама ти гарантирам дека не те лажам. И така, да почнеме... да создадеме најнапред некаков почеток, за тебе и за неа… Тихомир Јанчовски
Оценки
Сѐ уште нема оценки.