Македонија под ропство
Author:
Павел Шатев
Publisher:
Македоника |
Language:
Македонски |
Year:
2013
Original title:
Македонија под ропство |
Num. of pages:
376 |
Dimensions:
240х170
|
Cover:
/
Мемоарскиот труд на Павел Шатев „Македонија под ропство – Солунскиот заговор (1903)“ (том 7), веќе објавен во Софија во 1934 година, првпат се објавува во Република Македонија. Тој е изворен мемоарски запис за подвигот на македонските гемиџии во солунските атентати во 1903 година, односно, како што пишува Шатев во спомените, за „македонскиот идеализам“, кој во лицето на „солунските атентатори ја достигна својата кулминација, што ретко, па дури и никогаш не се среќава во историјата“. Оваа книга на Шатев, всушност, претставува дополнување на негова прва публицистичко-мемоарска книга „Заточението во Сахара – Фезан“, објавена во Софија во 1910 година. Павел Шатев е единствениот жив гемиџија од солунските атентати во 1903 година, па во оваа книга автентично ја раскажува приказната за вистината на големиот подвиг и за смртта на македонските гемиџии. Централното место во своите спомени им го посветува на младите македонски гемиџии – солунските атентатори, кои под влијание на руските анархисти цврсто решиле да се борат за слободата на својата татковина Македонија. Спомените на Шатев, покрај неизбежната историска фактографија, се одликуваат со спокојно и ладнокрвно прикажување на настаните, збогатени со една раскошна белетристичка дарба. Дијалозите меѓу младите гемиџии се интимни и емоционални, полни со драматизам и поетика. Неговите описи за затворите и животот во нив се вистински прикази, полни со психолошки и драматични моменти. За македонската историска наука вредни се историските портрети со богати карактеристики за личностите што Шатев ги среќавал и соработувал со нив. Во прв ред, неговите другари од тунелот во Цариград: Петар Манџуков, Славе Мерџанов и Петар Соколов, потоа гемиџиите: Јордан Поп Јорданов-Орце, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков и Владимир Пингов, но и револуционерите и раководителите на Македонската револуционерна организација: Јосиф Даскалов, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Борис Сарафов, Тодор Александров, Иван Гарванов и др. Во книгата се објавени и близу 70 фотографии.
Questions and Answers
You are not logged in