Невистините и вистините
Полемичен и критичен. На лагите им се спротивставува со фактите. Аргументите ги изнесува отворено и документирано, како непосреден сведок и еден од главните организатори на македонското народноослободително движење во Егејска Македонија во Втората светска војна и за време на Граѓанската војна во Грција. Раководителите на тоа движење подоцна се поделени и спротивставени, честопати и непријателски насочени, а во таквата ситуација Раковски станува жртва. Во таква улога полемизира, но и компетентно ги анализира настаните во тој период.
Павле Раковски (1913, с. Д. Клештина, Леринско – 1990 година, Скопје) е еден од најистакнатите македонски првоборци и раководители на НОФ во Егејска Македонија. На негова иницијатива е формиран Воденскиот македонски баталјон во рамките на ЕЛАС, составен исклучиво од македонски борци, а е коавтор на македонска азбука од 24 букви, на која се напишани прогласите до македонскиот народ во Воденско, песни и маршот на Воденскиот баталјон. Тој е еден од основачите на македонската организација ТОМО. За време на апсењата од страна на КПГ во 1949 година, по поразот на ДАГ и по Резолуцијата на Информбирото, под обвинение како еден од главните виновници за поразот на ДАГ и како „Титов агент“, Раковски е уапсен (7 октомври 1949) од безбедносните органи на ДАГ. По долгата истражна постапка, водена во Москва, е осуден на 10 години затвор и е затвореник во концентрационен логор во Сибир.
По нормализирањето на односите меѓу Југославија и СССР, во 1960 година, со своето семејство Павле Раковски се доселува во Скопје. За својата револуционерна дејност, тој неколкупати е одликуван од владата на СФРЈ.
Поради поделеноста и несогласувањата на раководните лица на македонското народноослободително движење во Егејска Македонија, набргу по доселувањето во Скопје, Раковски е игнориран и маргинализиран во политичкиот и професионалниот живот и во тивок бојкот до крајот на својот живот се занимаваше со проучување и анализирање на македонската историја во периодот на НОБ и ДАГ во Егејска Македонија. Остави повеќе илјади документирани записи, сведоштва, анализи и осврти, од кои само сосема мал дел беа објавени за време на неговиот живот. Освен што не беа печатени неговите дела на историографска тематика, не беа прифаќани за печат ниту неговите статии предлагани во списанијата. Така, неговата револуционерна биографија и неговите записи со децении беа чувани „во фиока“, дури и по неговата смрт.
Reviews
There are no reviews yet.