Волшебниот рид, том1
Томас Ман, според мислењето на многумина, е најголемиот германски писател на современата епоха. Колку и да изгледа мачна тежината на овој пиетет, авторот на (меѓу другото) Буденброкови, Волшебниот рид, Смрт во Венеција и Јосиф и неговите браќа се чини способен истиот да го поднесе со леснина што веројатно им е туѓа на англиските или француските автори опишувани на сличен начин: признат уште по својата 26 година кога го објавува Буденброкови, Нобеловец од 1929 година, Ман од почетокот до крајот на својата долга писателска кариера како да не си дозволува оддишка и својот опус неуморно го збогатува со нови ремек-дела.
Комбинирајќи го беспрекорниот реалистично-симболичен стил, нему својствената подривачка иронија, како и европските искуства со Првата светска војна кои ќе го преструктурираат ракописот почнат уште во 1912 година, Волшебниот рид е ерудитна, амбициозна и внимателно исполирана проза нурната во мистеријата на болната и кревка предвоена Европа. Со одмерен ритам, низ нејзините осумстотини страници, Ман го следи созревањето на единецот-сирак Ханс Касторп кој, во своите рани дваесетти години, патува од Хамбург до санаториумот во Давос на тринеделна посета на својот туберкулозен братучед Јоахим Цимзен. Откако му детектираат рани симптоми на болеста, Ханс останува таму седум години, сред една раскошна лепеза од живи карактери: италијанскиот секуларен хуманист (и проучувач на Ѓозуе Кардучи) Лодовико Сетембрини, неговиот вечен соговорник - језуитот со еврејско потекло - Лео Нафта, Хансовиот љубовен интерес, Русинката Клавдија Шоша, како и неговиот сопсерник за нејзиното внимание - дионизискиот Холанѓанец Менер Пеперкорн. Иако сите со неспоредливо различни животни судбини, таму, на Давос, како да е неизбежно сознанието дека едновремено сите се заедно во истиот вртлог, немоќни да го избегнат неизбежниот допир со истото дно.
Не сосема класичен Bildungsroman, Волшебниот рид на Томас Ман е неисцрпна ризница за различни, честопати и спротивставени научни толкувања, севременско истражување на времето, љубовта, хуманизмот, политикат, животот и смртта, монументален книжевно-естетски потфат кој, како што вели еден критичар, „пулсира со звукот на животот среде пустошот од смртта“.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.