Зад аголот
Романот „Зад аголот“ секако ќе ве насмее. Би сакал да верувам дека веднаш потоа и ќе ве растажи, разнежи, подзамисли... Во секој случај, тој е прозна книга со сложенa градба: развива најмалку девет линии на дејства од кои дел се преплетуваат, а дел се продолжуваат, при што неговиот хронотоп има опфат од јонската и атичката антика, до современа Европа, Азија и Америка со фокус во 1999 година, односно до - математички и симболички – последната година на минатиот век. Неговиот наслов „Зад аголот“, содржи своевиден геометриски, но и неопределен судбински концепт – зашто изненадувањето, како аксиом на една геометрија од повисок ранг, чека да нè погоди – никој не знае на кој начин, иако нè очекува секогаш – таму, зад аголот...
Реченово е, се разбира, сосем општо и скудно во однос на напишаното. Ликовите се карактери од еднa многубројна и крајно необична галерија и низа: грчки философи, современи посткомунистички интелектуалци, ориентални архитекти, аскети од тесни и моќни светски клубови, европски драматурзи, обични селани наеднаш претворени во воени жртви, воени и економски емигранти... и многубројни човечки души во севозможни временски и просторни преселби, сите учесници во незавршената трагикомична драма од „последниот чин“ на минатиот век.
„Зад аголот“ е, на извесен начин, првиот дел од мојот претходен роман „Дваесет и првиот“. Оттука негов втор наслов може да биде и – На крајот од Дваесеттиот.
Томислав Османли
Оценки
Сѐ уште нема оценки.