Човек без својства, том 2
Роберт Музил повеќе од дваесет години работел на своето клучно дело, романот „Човек без својства“: од 1921 до неговата смрт во 1942 година. Се разбира, поради ненадејната смрт на авторот, романот не е довршен, но веќе објавениот материјал во тоа време опфаќа импресивни 1.700 страници текст и уште 500 страници што ќе бидат публикувани постхумно. Првичната идеја на Музил, доколку се суди според неговите белешки и дневници, била да изгради роман со симетрична структура: увод, главен корпус поделен на два „опозитно поставени“ дела и заклучок. Најголемиот број од поглавјата веќе биле напишани до 1942 година, со исклучок на заклучокот. Сепак, големиот број белешки на авторот ни дозволуваат да го третираме ова дело како заокружена целина, бидејќи во нив јасно се гледаат насоките во кои се движи романот и се навестуваат плановите и варијантите за неговиот крај.
Сместено во Виена (главниот град на „пропаднатата, неразбрана држава“ Каканија) во предвечерието на Првата светска војна, дејството на „Човек без својства“ го следи насловниот карактер Улрих (чиешто презиме е премолчено „од почит кон неговиот татко“), 32-годишен математичар и скептик, заводник и војник, во неговата потрага по смисла и реалност меѓу патриотски настроените Австријци кои се подготвуваат за половина деценија да ја прослават 70-годишнината од владеењето на Франц Јозеф I. Покрај него, во романот се појавуваат дрводелецот Мосбругер, кој е суден за свирепо убиство на проститутка, Улриховата љубовница Бонадеа (сопруга на угледен човек со две деца што има само една маана: „мажите неверојатно ја возбудуваа веднаш штом ќе ги погледнеше“), Улриховите пријатели Валтер и Клариса, грофот Лајнсдорф, кој е одговорен за подготовка на јубилејната манифестација, генералот Штум фон Бордвер, претставник на Министерството за одбрана, германскиот гроф Паул Арнхајм (фиктивна верзија на германскиот политичар Валтер Ратенау), како и Ермелинда Тузи, т.е. Диотима, духовна убавица – негов (и не само негов) љубовен интерес; по смртта на Улриховиот татко, се јавува и неговата сестра Агата со која тој минува одреден период во очигледна инцестуозна врска. Иронијата што го пронижува целиот роман се состои, секако, во фактот што читателот (како и авторот) – за разлика од ликовите кои сè уште ја живеат 1913 година – знаат дека во 1918 година никој нема да се грижи за прославата на седумдесетгодишниот јубилеј на Франц Јозеф I; особено не тој – кој ќе почине две години претходно – и самата држава – ќе престане да постои истата година.
Во овој том се наоѓа третата книга од изворното издание „Во илјадагодишното царство (злосторници)“. Необјавените поглавја од неа и оставината се поместени во третиот том.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.