Глаголи на сонцето
Author:
Томаж Шаламун
Publisher:
Блесок |
Language:
Македонски |
Year:
2008
Original title:
Глаголи на сонцето |
Num. of pages:
120 |
Dimensions:
120x170
|
Cover:
/
Томаж Шаламун, од 1966 год. кога ја објави својата прва поетска книга „Покер“, па сè до последната, „Сина кула“ (2007) објави триесет и седум поетски книги. Со „Покер“ ултимативно го постави словенечкиот јазик во целокупниот поетски контекст пред свршен чин: да се биде или не. Ништо повеќе не можеше да го сопре интензитетот на поетските слики, метафори и метонимии што си најдоа свое место во слободниот стих на новата генерација словенечки поети. Поезијата на Томаж Шаламун застрчи како непокорно стебло среде соцреалистичката пустина. Јазикот на словенечката поезија оттогаш наваму е јазик на отворена, густа, повеќеслојна перспектива. „Метафоричната генијалност и радикалниот имажизам на поезијата на Томаж Шаламун е она што го прави овој поет толку посебен не само во словенечката и европската, туку и во светската поезија.“ (Соња Кравоња). Неговите песни ги „гледаме“, течат пред нас како тридимензионални слики и само од нашата четврта димензија зависи како ќе ги разбереме, што ќе извлечеме од нив, дали ќе се препознаеме во нив, дали ќе нè потресат, насмеат, расплачат или разгневат. Едно е сигурно: секогаш ја разгоруваат фантазијата и мислата на читателот, создавајќи од читателот поет, а од поетот – читател. Обликот на песната на Шаламун вообичаено е дисхармоничен, неподреден на моментните струења и поетички начела, на граматичките правила и „малограѓанскиот“ ред, ослободен од историските стеги на стихот дозволува содржината да продира од сите страни, да ги полни белините околу зборовите, да ги раслојува и да ги поместува значењата, чувствата, впечатоците. Песната на Томаж Шаламун никогаш не е еднозначна, божем археолошко наоѓалиште постојано нуди повеќеслојни и сè подлабински откопувања на поетската (с)мисла. Перспективата на нараторот – пејач е и птичја и жабја, и човечка и божја, а честопати и сè во едно. Тој и однадвор и однатре ги восприема луѓето, нештата и појавите, ја бара нивната взаемна врска, секогаш одново зачуден пред непишаните кодови на материјата, жива и нежива. Од предговорот на Лидија Димковска, „Томаж Шаламун – жив класик на словенечката поезија“.
Reviews
There are no reviews yet.