Портрет на уметникот како млад пес
„Портрет на уметникот како млад пес“ е збирка од десет раскази, живописен колаж на спомени од детството на Дилан Томас што го комбинира лиризмот на неговата поезија со искричавиот и зајадлив хумор на популарната радиодрама „Под млечната шума“.
И сосема е мал бројот на авторите што успеале да ги евоцираат толку успешно мистериите и авантурите на раната возраст, на младешката љубов и неостварените соништа, на смртта надвисната над две разиграни деца. Причината е видлива од почеток, уште од првата страница: Томас го црпи материјалот од најдлабоките рудници на своето „јас“, диво раскопувајќи околу срцето, внимателно чистејќи ги грубите форми низ раскошен јазик за конечно да ги изложи пред нас исполираните дијаманти на сепството во сиот нивен огледален блесок.
Трезен фантазер, барокен збороковач, траурен лакрдијаш, арлекин – Дилан Томас е можеби последниот боем во историјата на книжевноста; еден од неговите најпознати епитети, „Рембо од Комдонкин драјв“, можеби никогаш не бил облагороден со јасноста што ја стекнува низ страниците од оваа збирка.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.