Сатирикон
Сатирикон по многу нешта е специфично, единствено и интригантно книжевен дело. Историјата на самиот пишан текст наликува на роман полн со пресврти, мистериозност и драматичност – фрагментиран во различни ракописи што биле откривани во различни периоди и на различни локации. Авторот е Тит Петрониј Арбитер, токму оној за кого пишува Тацит во своите Анали: човек од доверба на царот Нерон, неофицијално прогласен за неприкосновен арбитер по прашањата на добриот вкус (elegan¬tiae arbiter) на царскиот двор, кој во 65 или 66 година од нашата ера извршил самоубиство.
Енколпиј е главниот лик – всушност, нараторот, кој во прво лице известува за настаните на кои и самиот присуствувал или во кои бил инволвиран – припадник на повисоките општествени слоеви, кој осиромашен и носен од судбината (fortuna, fatum) или случајот (casus), талка од град во град и запаѓа во различни несреќи. Го придружува младиот и убав Гитон, кој му бил прираснат за срце – на возраст од приближно шеснаесет години. Повремено ним им се придружуваат други ликови: Асцилт – другар и партнер на Енколпиј во повеќе нечесни зделки и потфати, а подоцна и соперник, потоа и Евмолп – пропаднат поет и авантурист. Низ романот Сатирикон дефилираат и многубројни други ликови – кои се појавуваат ненадејно или се појавиле за првпат во изгубените делови од текстот: развратната свештеничка на богот Пријап, вдовицата Квартила, учителот по реторика Агамемнон, новопечениот богаташ расипник Трималхион, бродосопственикот Лиха, вдовицата – бегалка Трифена и други.
Reviews
There are no reviews yet.