Меѓата на светот
Маџунков не би бил доследен на својот неконвенционален однос кон литературата и духовноста кога богатството на теми и мотиви, разновидноста на расположенијата и множеството интелектуални состојби не би ги мотивирал литературно, со еден побогат интелектуален и творечки став, дискретно провлечен низ книгата како целина. Ако таа негова „животна филозофија“, која е во основата на оваа проза, би требало поедноставено да ја експлицирам, би кажал дека Маџунков го доживува светот – слично на неколкумина еминентни светски писатели – како сплет на некохерентни случувања, како лавиринти кои не признаваат површински каузалитети и последичности, како разбиена целина која се растурила во безброј нееднакви делови, како одблесоци на распаднат универзум кои најпрво треба да се пронајдат, па со поместување и пресвртување, да им се одреди и протолкува местото.
Таков однос кон инспирациите, таков став кон неисцрпното богатство на психолошките состојби, таква надмоќ над среќно уочените односи може себеси да си дозволи писател со вистинска доверба во својата надареност и во своето книжевно образование. Ваква неконвенционална книга, во која секој, па и многу краток запис нуди „граѓа“ за развиена раскажувачка целина, може да пишуваат само интелектуално силни писатели, оние кои имаат доверба во неисцрпноста на тематските и мотивските дострели. Но треба да се рече дека интелектуалноста на Митко Маџунков не се искажува само, дури ни превосходно, во луцидните коментари, ниту само во добрите опсервации, ниту во повремените есеистички размислувања, ниту исклучително во дискретните забелешки, туку пред сè, во начинот на обликување на текстот, во чувството за внатрешна кохеренција, во користењето на множество елементи на современото литературно умеење, во начинот како деталите се поврзуваат во целина, во ритамот и во композицијата. Чедомир Мирковиќ
Оценки
Сѐ уште нема оценки.