Американска пасторала
Автор:
Филип Рот
Издавач:
Конгресен Сервисен Центар |
Јазик:
Македонски |
Година:
2013
Оригинален наслов:
American pastoral |
Бр. на страни:
411 |
Димензии:
20 cm
|
Корица:
мека
Филип Рот (Нуарк, 1933) е еден од најистакнатите и најнаградуваните американски автори од втората половина на XX век, чија забележителна книжевна кариера започнува во 1959 година со објавувањето на романот Збогум, Колумбо и која, според неговите изјави за еден француски весник во 2012 година, завршува со неговиот последен роман Немезис (2010). Речиси и не постои некое негово прозно остварување, а да не било наградено, односно незабележано. Во 1997 година ја добива Пулицеровата награда за романот Американска пасторала.
Американска пасторала е роман кој условно може да се дефинира како семеен роман и кој во најголем дел го следи периодот од животот од првиот брак на американизираниот Евреин, Симор „Швед“ Левов, маж на Дон Дваер и татко на Мередит Левов. Акцентирањето на „условно“ во случајов е неопходно поради интересниот факт (кој многу ретко или речиси и да се превидува во критичките осврти кон ова дело) дека, всушност, нараторот сам го конструира конкретниот исечок од животот на семејството Левови, во очајнички обид да ја задоволи сопствената љубопитност за интимните моменти на Шведот. Всушност, станува збор за фикција во фикција, кога нараторот, кој на почетокот се јавува како глас во прво лице еднина, имајќи оскудни информации за животот на Левов, одеднаш се дистанцира од внатрешната перспектива престорувајќи се во наратор со надворешна фокализација за да дојде и до најситните детали од неговиот живот и психолошка структура.
Questions and Answers
You are not logged in