Браќата Лавовско Срце
Автор:
Астрид Линдгрен
Издавач:
Македоника |
Јазик:
Македонски |
Година:
2008
Оригинален наслов:
Bröderna Lejonhjärt |
Бр. на страни:
173 |
Димензии:
200х140
|
Корица:
мека
„Браќата Лавовско Срце“ се вбројува меѓу најдобрите дела на истакнатата шведска писателка Астрид Линдгрен (1907-2002), позната со својот обемен опус како еден од најпопуларните и најчитани автори во областа на литературата за деца и младинци во светски рамки. Приказната за двајцата браќа Јонатан и Карл е необично тешка и темна, имајќи го предвид традиционалниот контекст на жанрот на кој му припаѓа: болест, смрт, тиранија, предавство и бунт. Но едновремено во приказната се проткаени и топли и светли тонови: роднинска љубов и одаденост, лојалност, надеж, храброст и пацифизам.Браќата Лавовско Срце ги викаат браќата Јонатан и Карл. Во нивниот претходен живот на земјата се презивале Лав, но читателот набрзо ги запознава како Лавовско Срце. Најпрвин поголемиот брат, Јонатан, го нарекуваат така поради неговата несекојдневно голема храброст, а помалиот Карл го добива истото презиме откако ќе пристигне во земјата на авантурите Нангијала, каде што го чека неговиот брат. Малиот Карл добил и прекар Лепче, затоа што Јонатан многу сака тврди лепчиња и двопек. Во Нангијала браќата минуваат низ возбудлива авантура во „земјата на логорските огнови и сказните“. Заедно со другите востаници започнуваат решителна битка против угнетувањето што го спроведува страшниот тиранин Тенгил и уништувачкиот оган на змевицата Катла. Кога книгата излегла од печат, во 1973 година, дел од рецензентите реагирале негативно, изразувајќи мислење дека било проблематично да се третира смртта на начин како што го направила тоа Астрид Линдгрен, и тоа посебно во однос на завршната сцена. Други критичари сметале дека Линдгрен премногу црно-бело го опишувала светот на приказната, при што описот на злото во книгата се доживувало како шематско и застрашувачко. Но, од друга страна, младите читатели во разни земји реагирале позитивно што во основа покажало дека децата чувствувале потреба за вакви возбудливи приказни. „Преплавена сум од писма од деца кои ги сакаат браќата Лавовско Срце. Никогаш не сум добила толку силни и спонтани реакции во однос на некоја од моите книги“, ќе рече Астрид Линдгрен во едно интервју, објавено во 1975 година.
Questions and Answers
You are not logged in