Мимесис
Романот Mimesis на црногорскиот писател Андреј Николаидис (1974) ја раскажува приказната за младиот писател и новинар Константин Теофилис, кој еден ден добива две писма. Првото е од Сараево. Во него пријателите го повикуваат да присуствува на десетгодишнината од матурата. Второто, понеобичното писмо, е од неговата девојка, која живее во Холандија. Таа му поставува ултиматум: или ќе дојде кај неа во Амстердам во денот што таа му го има одредено и ќе се омажи за неа, или таа ќе ја прекине нивната врска.
Во часовите додека Теофилис размислува која ќе биде неговата одлука, тој раскажува низа приказни преку кои острото писателско сечило на Николаидис ја сецира интелектуалната и духовната состојба на Црна Гора од крајот на XX век. Неговиот лик е силен критички дух, кој на остроумен, луциден, а на мигови и циничен начин прави еден вид „анатомија на глупоста“ на феномените што го опкружуваат. Песимизмот кој се спушта до ниво на еден вид антрополошки анархизам е разблажен со хуморот и живиот начин на раскажување.
Константин Теофилис е вистински раскажувач на приказни, способен од најбанална животна случка да создаде мал есеј, без да ја загуби книжевната полнота и шарм на текстот. Книгата претставува заводлива комбинација на необични и обични приказни, политички провокации, љубовни драми, одлична анализа на духот и опсесиите на луѓето што живеат во транзициската Црна Гора.
Reviews
There are no reviews yet.