Ослободениот Ерусалим
Торквато Тасо е еден од најзначајните италијански поети на XVI век и исклучителна појава во историјата на европската книжевност и култура, поетски и духовен модел за многу поети и писатели.
Неговото ремек-дело „Ослободениот Ерусалим“ е грандиозна епска поема составена од АБАБАБВВ октави групирани во дваесет пеења со различна должина. Низ нив Тасо третира еден историски настан – опсадата и ослободувањето на Ерусалим од крстоносната војска – но, авторот го користи настанот како подлога за да претстави свет полн со конфликти и противречности, во кој од една страна се борат ангелските сили и христијанското чувство за фантастичното, а од друга силите на пеколот и ѓаволската магија.
Општо е мислењето дека низ стиховите богати со поучни и морални цели, Тасо се претставува како совршен христијански поет: тој ја слави возвишеноста на вистинската религија и на институциите на Црквата што се нејзин чувар, но и на кралската апсолутна моќ што е назначена директно од Господ. А сепак, бидејќи поет, Тасо едновремено чувствува и одбивност кон сè што е ригидно и извештачено, кон авторитетот, кон почитувањето на хиерархијата и на етикетата, па намерата да создаде дело што е целосно инспирирано од едно строго моралистичко учење, се судира со копнежот по сладострастието, со љубовта надвор од сите морални закони, со потрагата по задоволството на сетилата. И токму судирот меѓу должноста и љубовта, меѓу срцето и мечот – е централниот мотив, изворот на безвремената лиричност на многу епизоди од „Ослободениот Ерусалим“.
Оценки
Сѐ уште нема оценки.