Сид
Пјер Корнеј е најстариот од тројцата најголеми француски драматурзи на XVII век, еден од основоположниците на неокласичната трагедија во европската литература. Се појавува во период во кој подоцна утврдените стандарди во Боаловата „Поетска уметност“ имаат библиски статус во рацете на кардиналот Ришелје и новоформираната Француска академија. Но, како толку пати во историјата, драмата што ги прекршува пропишаните начела – и тоа токму светото тројство, единството на време, место и дејство – е и драмата што денес се смета за најблескава во опусот на конкретниот автор.
Рекламирана како „трагикомедија“, „Сид“ ја позајмува фабулата од драма на Гилјен де Кастро и од почетоците на модерната шпанска историја. Но, наместо да се концентрира на херојските подвизи на главниот, инаку историски лик, Родриго Дијас, драмата се впушта во разгатнување на она што подоцна ќе биде наречено „корнејовска дилема“, а што поприземно го препознаваме во фразата „помало зло“: растргнат меѓу длабоките чувства кон Химена и одмаздувањето на својот татко (кој, пак, е навреден од таткото на Химена), Родриго е исправен пред неможноста да донесе одлука што ќе го остави неговиот интегритет без лузна, пред фактот дека неговиот нареден чекор веројатно значи или загуба на љубената или на почитта од сопствениот татко – двете највредни нешта во неговиот вредносен пантеон.
„Сид“ доживува огромен успех, па веднаш е причина за низа дебати околу нејзината моралност и уметнички ерес. Времето не само што ги обесмислило сите критики – што денес би биле заборавени кога не би бил „Сид“ нивниот предмет – туку токму од нив направило доблести: денес „Сид“ се смета за еден од драмските врвови на светската книжевност, за родоначалничкиот текст на францускиот новокласицизам доведен до совршенство од неговиот ривал, Жан Расин.
Reviews
There are no reviews yet.