Стара хебрејска книжевност, том 2
Следејќи го првиот том од оваа едиција – каде се сместени „Книгата Јов“ и „Псалмите“ – овој том содржи уште 6 од 77 канонски библиски книги: две библиско-историски: „Книгата Рута“ и „Книгата Естира“,три поучни книги со етичка содржина – „Книга Мудри Соломонови изреки“, философскиот трактат „Книга Проповедник (Еклизијаст)“ и свадбената, љубовна драма „Песна над песните“, – и, конечно, шестата, можеби најпоетична – „Плачот на Еремија“. Книгите се обидуваат да доловат барем дел од библиското богатство, па се разликуваат и според обемот, и според содржината и според формата во која се напишани.
Епонимниот лик од „Книгата Рута“ е Моавка која, по прифаќањето на Израиловиот Бог и венчавката со Воз, станува предок на Давидовско-Исусовата лоза. Некои сметаат дека приказната е напишана со цел да се прикаже Божјата грижа за неизраилците и можеби да се воспостави рамноправност во тој однос во време кога расната чистота била неправедно истакнувана. Во „Книгата Естира“ - прекрасно етиолошко-историско четиво - се раскажува за опстанокот на една мала јудејска заедница која успеала да преживее пред намерата целосно да биде уништена на територијата на персиското царство: конечното востановување на празникот Пурим, прославуван на пролет пред празникот Пасха, е крунисување на нивната секојдневна битка, „спомен на она што самите го видоа и пропатија“ (Ест 9:26).
Со трите поучни книги присутни во овој том - и придодадени на „Јов“ и „Псалмите“ од првиот - се заокружува сапиентално-поетскиот квинтет на христијанската Библија. „Мудрите Соломонови изреки“ се веројатно најпознатиот и најзбиен хрестоматски приказ на мудросната традиција на хебрејскиот народ: размисли за вредностите, смислата на животот, правилното однесување. „Книгата Проповедник“ е речиси нејзин антоним: цинична, песимистичка, скептична и реална, таа дури и кога ја велича мудроста и умереноста како да не му остава простор на читателот да верува дека животот има смисла вон приземните секуларни искуства, па звучи дури и ироничен нејзиниот заклучен стих: „Имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот; оти Бог ќе ја изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“. (Проп. 12:13-14). „Песна над песните“ е поетско ремек-дело, епиталамиум кој на алегориските толкувања пркосно им ја спротивставува сопствената слободоумност и еротичност.
Конечно, книгата „Плачот на Еремија“ (Плач) се состои од пет глави во Библијата, и тоа се всушност пет поеми (плачови) во кои се изразува длабоката тага поради разорувањето на Ерусалим. Песните се напишани во форма на тажачки песни или во песни на оплакување. Во овие плачевни поеми се опишани потиштеноста и солзите на ерусалимските жители преку зборовите на пророкот и преку персонификација на Ерусалим - кој овде, како на многу малку места во Библијата, и лично зборува.
Reviews
There are no reviews yet.