Татко; Госпоѓица Јулија
Инспириран од Ибзеновите проблемски драми, но решен да ја подрие доминацијата на la pièce bien faite, како и над сè да одговори на повикот на Емил Ѕола за создавање на натуралистичка драма (научни студии на карактерите, имплементација на психологијата во книжевноста), Стриндберг се посветува на создавање на, според него, еден „уметничко-психолошки писателски стил“ низ кој - одново според насоките на Ѕола - се обидува едновремено да наслика карактери детерминирани од средината и семејството, но и да го прикаже дарвиновскиот судир меѓу различните полови, генерации, класи. Така, на пример, во Татко, несогласувањата околу едуцирањето на нивната ќерка Берта, ќе биде причина за бурна караница меѓу капетанот Адолф и неговата сопруга Лаура, која - помеѓу тврдењето на мажот дека неговата одлука е конечна бидејќи е маж и сугестијата на Лаура дека ова може да е неважечко зашто Адолф и не мора да е таткото на нивната ќерка - резултира со полудувањето и смртта на капетанот. Судирот меѓу класите е проследен во Госпоѓица Јулија каде епонимната дама (одгледана од феминистка) не може да си прости што еден Иванден го предава своето тело на својот слуга Жан; обидот за бегство од неизбежното, води одново кон состојба на полуденост и веројатна смрт.
Кога Јуџин О’Нил ја освојува Нобеловата награда за книжевност во 1936 година го нарекува Стриндберг „најдолемиот гениј меѓу сите модерни драматурзи“ - став кој веројатно не им е многу туѓ ниту на Тенеси Вилијамс, Максим Горки, Џон Озборн или Ингмар Бергман. Таков е статусот на Стриндберг и денес.
Reviews
There are no reviews yet.