Ден после ноќта
Author:
Анита Дајамант
Publisher:
Матица Mакедонска |
Language:
Македонски |
Year:
2011
Original title:
Day after night |
Num. of pages:
279 |
Dimensions:
21 cm
|
Cover:
/
Атлит е подигнат од страна на Британците, во 1938 година, за да ги сместат своите војници. Се наоѓа во близина на Хаифа во Палестина. Тоа е една од групата бази изградени таму, но на крајот на Втората светска војна, Атлит е претворен во камп за еврејски бегалци. Во Атлит судбината на неколку жени се испреплетува и ги поврзува една со друга...
Една од нив е Теди, вискока, русокоса Еврејка од Холандија. Таа сè уште не може да се почувствува слободна, и покрај тоа што е овде во овој камп за бегалци, најмногу поради бодликавата жица со која е опколен кампот.
Поради нејзиниот изглед, бидејќи воопшто не наликувала на Еврејка, кога започнува војната родителите ја кријат на една фарма. По две години криење, некој ја издава Теди на нацистите и ја носат во воз за Аушвиц, заедно со уште седумдесет и петмина. Некако успева да побегне од возот и ја наоѓаат британски војници. Кога дознава дека нејзините се мртви, решава да оди за Палестина.
Зора е Еврејка од Варшава, која сè уште не може да се помири со тоа што се случувало за време на војната со Евреите. Иако Англичаните ги нарекуваат како „илегални населеници“, сепак таа знае дека тоа е само уште една верзија на изразот „валкани Евреи“, зошто инаку би биле во место какво што е Атлит. Таа успеала да го преживее нацистичкиот логор, но сè уште не може да ја поврати довербата во луѓето. Знае дека нема да го напушти Атлит бидејќи нема роднини кои би ја побарале, ниту пак некој би се загрижил за неа. Единствениот излез е бегство од таму. Нејзината дарба со јазици ѝ помага да разбере по нешто и ја зближува со Естер и Јакоб на кои се труди да им помогне.
Тука е и Шајндел која е неразделна пријателка со Леони. Се запознаваат на железничката станица во Париз. За време на војната Шајндел била член на младинското движење „Млада гарда“ и станува ционистка, па поради тоа во Атлит таа е избрана од Тирза да биде соработник на еврејските воени сили. Кога доаѓа во Палестина таа е разочарана, бидејќи тоа не било она што таа го очекувала.
Леони пак, од друга страна, имала тежок живот за време на војната. Иако е од Париз и е прекрасна девојка, кога ѝ го убиваат семејството таа мора да се грижи за себе и станува проститутка. Кога две момчиња ѝ кажуваат дека може да учествува во изградбата на нивната татковина во Палестина, таа бега таму. Во Атлит Леони помага во амбулантата во кампот.
Бегството од Атлит ќе ги спои уште еднаш овие жени, кои потајно, сите до една, се надеваат на подобар живот. Пријателството и трагедијата ги зближува уште повеќе, а преку нивните приказни ја откриваме вистината за тоа што се случувало за време на Втората светска војна и низ што сè поминувале Евреите додека да најдат спас, па макар и во Атлит.
Reviews
There are no reviews yet.