Кентербериски приказни
Не е преувеличување да се рече дека со „Кентербериски приказни“ почнува модерната авторска англиска книжевност; тоа што Чосер не е првиот кој францускиот и латинскиот јазик ги заменува со вернакуларниот англиски и тоа што „Кентербериски приказни“ не е неговото прво дело само дополнително го потцртува статусот на ова 17.000 стихови долго, а сепак далеку од завршено врвно книжевно остварување.
Позајмувајќи ја рамковната приказна од Бокачовиот „Декамерон“, „Кентербериски приказни“ е гигантски проект. Според првичната замисла, триесетина поклоници што имаат намера да тргнат кон храмот на маченикот свети Томас Бекет во Кентербери, се договараат, по иницијатива на крчмарот од гостилницата каде што се собрани, да јаваат заедно и да раскажуваат по две приказни одејќи накај Кентербери и две приказни враќајќи се оттаму. Оној што ќе раскаже најдобра приказна, и забавна но и „со добра поука“, треба да добие бесплатна вечера. Бидејќи во верзијата што стигнала до нас, раскажана е по одвај една приказна од дваесетина лика, смртта на Чосер ни одзела три четвртини од неговиот замислен magnum opus; дури и ако се земе предвид „Вилинската кралица“ на Спенсер, веројатно не постои позначајно и повлијателно незавршено книжевно дело во историјата на англиската книжевност.
Интересни и игриви, ведри и вулгарни – како и својот духовен и генетски претходник „Декамерон“, „Кентербериски приказни“ се непроценливо ренесансно богатство, една од оние ретки книги што можат да се читаат и за разонода и со сериозно критичко внимание.
Reviews
There are no reviews yet.